Облеченa во бела блуза, со темната коса пуштена лабаво, Аи-Да наликува на секоја уметница која работи со четка во студио. Но, звукот „бип-бип“ од нејзината рака ја издава – Аи-Да е робот.

Опишана како „првиот ултрареален хуманоиден роботски уметник со вештачка интелигенција“, Аи-Да ја отвори својата прва изложба, која се состои од осум цртежи, 20 слики, четири скулптури и од две видеа.

„Аи-Да донесе свежина во уметничкиот свет. Сакаме да испратиме јасна порака за употребата и злоупотребата на вештачката интелигенција денес“, вели Ајден Мелер, сопственик на галерија и изумител на роботот.

Ајден Мелер со неговиот изум, роботот Аи-Да (Фото: Ројтерс)

Именуван по британската математичарка и компјутерска пионерка Ада Лавлејс, роботот Аи-Да може да црта благодарение на камерите во очите и алгоритмите креирани од научници од Универзитетот во Оксфорд. Алгоритмите произведуваат координати за да се движи раката и да создава уметност.

Роботот ги прави скиците со молив или пенкало, но планот е Аи-Да да создава и керамика.