„Самсунг“ ги објави конечниот дизајн и името на својот нов револуционерен смартфон, чиј екран може да се преклопи. Неговата цена ќе биде 1.980 долари.

„Галакси фолд“ ќе почне да се продава на 26 април во САД, односно на 3 мај во Европа по речиси една деценија создавање. Тој буквално може да се преклопи на пола како книга, при што однадвор се користи како смартфон со 4,6-инчен екран, а кога ќе се отвори е таблет со екран од 7,3 инчи.
„Со ‘галакси фолд‘ ви даваме моќен смартфон и револуционерен таблет“, изјави Џастин Денисон, потпретседателот на одделот за мобилна телефонија на „Самсунг“.
Достапен во 4Г и 5Г верзија, овој смартфон се смета за клучен производ за „Самсунг“ во обидите да се справи со големата конкуренција од Кина и да го задржи својот статус на најголем светски производител на мобилни телефони.
„Фолд“ доаѓа со поделена батерија и со нов софтверски систем наречен app continuity, што се префрла меѓу екранот кога уредот се отвора. Има дури шест камери, РАМ меморија од 12 гигабајти и мемориска картица од 512 гигабајти, што го прави еден од најмоќните смартфони на пазарот.