СЛЕДНИОТ СМАРТФОН НА „ХУАВЕИ“ НЕМА ДА ГИ ИМА АПЛИКАЦИИТЕ НА „ГУГЛ“

Пекинг, (Би-Би-Си)

Новиот смартфон на „Хуавеи“ ќе биде без популарни апликации на „Гугл“, како Мепс и Јутјуб. „Гугл“ потврди дека поради забраната за продажба на производи на „Хуавеи“, што ја донесе американската влада, тие не можат на кинеската компанија да ѝ издадат лиценца за своите апликации.

Тоа исто така значи дека следниот мобилен телефон на „Хуавеи“ нема да има пристап до Гугл плеј стор, што на корисниците им дава пристап до други популарни апликации. Аналитичарите предвидуваат дека ова ќе биде голем удар за „Хуавеи“.

Во мај, Вашингтон од безбедносни причини им забрани на американските компании да му продаваат производи и услуги на „Хуавеи“.

Оперативниот систем Андроид е слободен софтвер и секој производител може да го стави во свои смартфони и таблети, но на компаниите им треба договор со „Гугл“ за да вклучат популарни апликации, како Мепс, Фотос, Плеј стор и Јутјуб.

„‘Хуавеи‘ ќе продолжи да го користи Андроид доколку американската влада ни го дозволи тоа. Во друг случај, ние ќе продолжиме да развиваме наши сопствени оперативен систем и екосистем“, соопшти кинеската компанија, која следниот месец ќе го лансира својот нов смартфон, „5Г мејт 30 про“.