„СОНИ“ ОДБЕЛЕЖУВА 40 ГОДИНИ „ВОКМЕН“ СО НОВА ВЕРЗИЈА НА КОЈА КАСЕТИТЕ СЕ ЗАМЕНЕТИ СО СТРИМАЊЕ

Токио, (Си-Ен-Ен)

„Сони“ ќе објави нова верзија на „вокмен“, во чест на 40-годишнината од овој класичен преносен музички плеер.

Кога се појави во 1979 година, „сони ТПС-Л2 вокмен“ беше првиот преносен плеер за касети и засекогаш го смени начинот на слушање музика. „Сони“ во меѓувреме објави разни верзии на „вокмен“, но ова јубилејно издание е нешто навистина посебно.

На „Sony NW-A100TPS Walkman“, сепак, нема да можат да се слушаат касети, но однадвор ќе има изглед на оригиналниот „вокмен“, со што „му се оддава почит на првиот преносен плеер за касети на ‘Сони‘“, кажаа од јапонската компанија.

Тој ќе има 3,6-инчен ХД екран и меморија од 16 гигабајти и доаѓа со сите модерни додатоци, како УСБ приклучок и бежичен интернет и Андроид за стримање музика. Неговата батерија ќе трае импресивни 26 часови.

За разлика од некогашните „вокмени“ од 150 долари, новата верзија во Европа ќе чини околу 440 евра.