ТРАМП ОД ЈАНУАРИ ВЕЌЕ НЕМА ДА ИМА СПЕЦИЈАЛНА ЗАШТИТА НА ТВИТЕР

Њујорк, (Ројтерс)

Доналд Трамп е еден од најактивните корисници на Твитер, но од 20 јануари веќе нема да има специјална заштита и за него ќе важат истите правила како и за сите останати, објави компанијата.

Повикувајќи се на јавен интерес, Твитер става посебна ознака на твитовите кои кршат правила објавени од светските лидери, кои во секоја друга прилика би биле отстранети. Место да бидат тргнати, овие твитови се покриваат со предупредување и Твитер го ограничува пристапот до нив.

Но, од компанијата велат дека ова правило не важи за бивши претседатели.

„Оваа политика се применува само на актуелни светски лидери и претседателски кандидати, не и на приватни граѓани кои веќе не се на функција“, изјави портпаролот на Твитер.

Во изминатиот период, компанијата стави ознака и предупредување на неколку твитови на Трамп, пред сѐ, на оние во кои неосновано обвинуваше за изборни измами. Твит на Трамп за првпат беше сокриен во мај.