Твитер потврди дека работи на копчето edit, што ќе им овозможи на корисниците да ги менуваат своите твитови откако се објавени. Ова следува откако новиот член на бордот Илон Маск побара од корисниците да се изјаснат преку анкета дали ја сакаат оваа опција.

Многумина корисници долго време бараат да се воведе копчето edit и од Твитер кажаа дека идејата ќе почне да се тестира во наредните месеци.

„Тоа е најбараната опција на Твитер со години“, изјави потпретседателот на компанијата Џеј Саливен.

Основачот на Твитер, Џек Дорси, во 2018 кажа дека фирмата веројатно никогаш нема да ја воведе оваа опција поради грижите околу транспарентноста.

Според најавите, корисниците ќе можат да исправат грешки во својот твит, без да ги изгубат одговорите, лајковите и ретвитовите што веќе ги добиле.