Вотсап одамна го надмина Вибер во популарноста, но сега компанијата презеде чекори со кои ќе се обиде да го промени тоа. Вибер 10 е првата вистински редизајнирана верзија на апликацијата во осумте години постоење, која треба да ја унапреди услугата и да го забрза процесот на праќање пораки.

Задржувајќи ја препознатливата виолетова боја, новиот дизајн е значително поразличен и помодерен од досегашниот Вибер. Според компанијата, главната цел беше да се воведе лесна навигација по апликацијата и да се унапреди пристапот кон опции како приватни и групни разговори, заедници и слично. Додадена е опцијата „повици“, кадешто корисниците едноставно ќе можат да ги пронајдат последните разговори и да им пристапат на контактите, а отсега ќе има можност и за групни разговори и за разговори со скриени броеви.

„Лансирањето на Вибер 10 следува по интензивни истражување на потребите на корисниците и тестирање и целта е да се поедностави комуникацијата помеѓу луѓето низ целиот свет“, вели извршниот директор на компанијата Џамел Агауа.

Промените ќе можат да се видат за неколку дена.