„ГУЧИ“ ПОВЛЕЧЕ ЏЕМПЕР ОД 890 ДОЛАРИ ЗАШТО БИЛ РАСИСТИЧКИ

Милано, (Гардијан)

„Гучи“ го повлече од продажба својот поло џемпер од 890 долари, откако на социјалните мрежи беше критикуван дека е расистички, бидејќи асоцира на црно лице. Џемперот во балаклава стил е дел од годинашната колекција есен/зима.

Голем број корисници на Твитер и Инстаграм посочија дека „Гучи“ го промовираше џемперот во незгоден момент, во месецот кога во САД традиционално се одбележува историјата на Афроамериканците.

Италијанскиот моден бренд се извини и соопшти дека ќе го повлече џемперот од продажба.

„Ние ја сметаме различноста за основна вредност што треба целосно да се почитува и секогаш ја имаме предвид при носењето одлуки. Ова ќе биде моќен момент за учење за тимот на ‘Гучи‘ и целосно сме посветени да ги промовираме различностите“, се вели во соопштението на компанијата.

Во декември, и „Прада“ повлече неколку свои производи, зашто исто така асоцирале на црно лице.