ВО ЊУЈОРК ОТКРИЕНА „ФАБРИКА“ ЗА ЛАЖНИ ПРОФИЛИ, ЕДЕН БОТ ЧИНЕЛ 12 ДОЛАРИ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Главниот обвинител на Њујорк изјави дека покренал истрага против компанија, која продала милиони лажни следбеници на социјалните мрежи.

„Лажно претставување и измама се нелегални според законите на државата Њујорк“, кажа обвинителот Ерик Шнидерман.

Компанијата „Девуми“ е обвинета за крадење на идентитетите на вистински луѓе, што таа го негира. „Њујорк тајмс“ ја поврза оваа „фабрика за следбеници“ со голем број профили на јавни личности.

Весникот објави обемна репортажа за компанијата, вклучувајќи интервјуа со луѓе, чии лични податоци и фотографии биле копирани, за да се создадат таканаречени ботови.

Се верува дека оние кои сакале да го зголемат бројот на свои следбеници на социјалните мрежи, меѓу кои има и актери, бизнисмени и политички коментатори, можеле да платат да бидат следени од ботови.

Голем број фанови и следбеници на социјалните мрежи значи и поголемо влијание врз јавното мислење, што, пак, носи поволности, како спонзорски договори.

„Ваквите активности се опасност за демократијата. ‘Девуми‘ им помогна на 200.000 јавни личности да ја зголемат својата база на фанови, а со тоа и влијание“, изјави Шнидерман.

На својата интернет-страница, „Девуми“ на клиентите им нуди можност да нарачаат 250.000 следбеници на Твитер, како и на други социјални мрежи, по цена од 12 долари. Тие можат да купат и лајкови и ретвитови.