Деветте членки на тимот на авганистански роботичарки пристигнаа во Катар, чија влада обезбеди специјален авион за да ги извлече од Кабул. За нив првпат се слушна во 2017 година кога освоија специјална награда на меѓународно натпреварување по роботика во САД и важеа за блескав пример за потенцијалот на женското образование во Авганистан.
Извлекувањето на младите роботичарки на возраст од 15 до 19 години, како и на нивниот 25-годишен учител, беше организирано среде влошувањето на безбедносната ситуација во Кабул. Тие побарале помош од Катар на 12 август, три дена пред талибанците да влезат во градот. Девојките, кои се по потекло од Херат во западен Авганистан, останале во контакт со катарската влада откако таа ги нагостила во 2019 година.
„Кога слушнавме дека Кабул може да падне, веднаш го контактиравме катарското министерство за надворешни работи, кое по забрзана постапка им одобри визи. Тие многу добро се грижат за нив“, изјави Елизабет Шефер Браун од американската организација Диџитал ситизен фанд (ДФЦ).
Девојките засега ќе останат во Доха, каде што ќе продолжат со учењето. Според Шефер Браун, неколку универзитети од светот се понудиле да им дадат стипендии.
Тимот беше формиран во 2017 од авганистанската претприемачка и основачка на ДФЦ, Роја Махбуб. Младите роботичарки лани го привлекоа вниманието на светската јавност, правејќи евтини респиратори од автоделови.