Пионерите на македонскиот хип хоп „Чиста околина“ го објавија првиот албум по повеќе од четврт век пауза, кој претходно беше најавен со сингловите „Си играме со рапот“ и „Малку поети“. Насловен „Avant-garde fatiguée“, тој излезе под етикетата на „Филтер лејбл“ и е прв од трите албуми што групата планира да ги издаде во наредниот период.
„Многумина нè прашаа зошто одлучивме да го објавиме албумот токму сега, во една кризна, пандемиска година, во услови кога не е можна класична промоција. Одговорот е едноставен. ‘Чиста околина‘ никогаш не биле конвенционален бенд. ‘Avant-garde fatiguée‘ е совршен коментар на актуелниот општествен момент, па неговото објавување не смееше да чека подобри времиња“, велат од групата.
Меѓу многубројните гости на албумот се Горан Таневски, „Бернајс пропаганда“, ЛД Пистолеро, Смилен, Диџеј Гоце и Сеад Хаџиќ-Сецко. Албумот содржи десет песни во времетраење од 33 минути.
Иако присутен на домашната музичка сцена повеќе од три децении, колективот „Чиста околина“ претходно објави само еден албум, „Новиот аспект на старата школа“, во 1995 година.
Г. КОНЕВ