Свршеничкиот прстен со 20-каратен дијамант кој Френк Синатра ѝ го дал на последната сопруга Барбара се продаде за 1,7 милиони долари во телефонско наддавање помеѓу двајца купувачи, соопшти „Сотбис“.
На аукцијата во Њујорк се продаваат голем број лични предмети на легендарниот пејач и накит од неговата четврта и последна сопруга. Тој ставил два прстени на кревет и ѝ рекол да одбере кој повеќе ѝ се допаѓа, без конкретно да го постави прашањето дали ќе се омажи за него.
„Таа му рекла: ’Важи, јас го одбирам дијамантот, а ти одбери на кој прст ќе го ставиш’. Така тој прстен станал веренички“, вели Квиг Брунинг, потпретседател и експерт за накит во „Сотбис“.
На аукцијата се понудени уметнички предмети и мебел кои биле собирани за време на 22-годишниот брак на двојката, како и филмски сценарија и драмски текстови. Има и потпишани писма, книги и фотографии од пријателствата на Синатра со сите американски претседатели од Хари Труман до Бил Клинтон, како и комплет чинии за вечера, проценет од 50.000-70.000 долари.