88-ГОДИШНАТА ТИПИ ХЕДРЕН ВО РЕКЛАМА НА „ГУЧИ“

Лос Анџелес, (Ел)

Осумдесет и осумгодишната холивудска актерка Типи Хедрен глуми во новата реклама за часовници и накит на „Гучи“. Хедрен е мајка на актерката Мелани Грифит и баба на младата глумица Дакота Џонсон, која на почетокот на годинава сними реклама за парфем на „Гучи“.

Ѕвездата на филмовите на Хичкок, „Птици“ (1963) и „Марни“ (1964), која кариерата ја почнала како манекенка, во спотот глуми гатачка на кристална топка, додека на рацете и на прстите носи повеќе алки и прстени на „Гучи“.

„Сите ваши соништа ќе се остварат”, им порачува Хедрен на моделите околу неа, кои исто така носат многу накит.

Коментарите на публиката се дека видеото има нота на мистерија, налик на „Твин Пикс’.

Модните брендови сѐ почесто почнаа да ангажираат жени од разни возрасти во свои кампањи. Џоан Дидијон глумеше за „Селин“ на 80 години, Ирис Апфел беше модел за Кејт Спејд на 93 години, а Лорен Хитон се појави во кампања на „Келвин Клајн“ на 73 години.