АТИНА ЌЕ ГО ТРАНСФОРМИРА СВОЈОТ ИСТОРИСКИ ЦЕНТАР СО НОВА ПЕШАЧКА ЗОНА

Атина, (Гардијан)

Атина е последниот голем европски град кој најави дека радикално ќе биде изменет, потпирајќи се на лекциите научени во времето на карантин.

Следејќи го амбициозниот план на Милано, и Атина ќе отстапи повеќе јавни простори на пешаците и велосипедистите. Шемата предвидува создавање на 6,8 километри долга пешачко-велосипедска патека која ќе ги поврзе најзначајните археолошки локалитети во Атина, додека на автомобилите ќе им биде забранет пристап во историскиот центар на градот околу Акропол. Долж главните булевари ќе се прошируваат тротоарите, за да се обезбеди социјално дистанцирање.

Тоа ќе биде најголемата интервенција во градот по повеќе од десет години. Ќе почне како пилот-проект овој месец, а се очекува да биде завршен до крајот на 2022 година.

„За време на овој период, голем број градови низ светот, како Париз, Берлин, Богота, Њујорк и Мексико Сити, решија да преземат серија мерки за полесно справување со пандемијата. Сакаме повеќе јавен простор да им дадеме на пешаците, велосипедистите и новите облици на транспорт“, изјави градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.