Утре почнува Европското фудбалско првенство во Германија, а мечевите ќе се играат на десет стадиони во десет градови. На отворањето во Минхен се среќаваат Германија и Шкотска, а финалето е еден месец подоцна во Берлин. Девет стадиони беа во функција и за Светското првенство 2006 во Германија. Ќе се играат 51 натпревар, на кои се очекуваат вкупно 2,7 милиони гледачи.
ОЛИМПИСКИ СТАДИОН ВО БЕРЛИН – 70.033 ГЛЕДАЧИ
Стадионот кој е домаќин на второлигашот Херта е најголемиот на турнирот. Изграден е во 1936 и беше обновен во 1974 и во 2000-2004. Тука ќе се играат шест натпревари.
„АЛИЈАНЦ АРЕНА“ ВО МИНХЕН – 66.026
На овој стадион се играа четири меча и од последното ЕП, а сега ќе бидат шест. Беше отворен во 2006, по изградбата која чинеше 340 милиони евра.
„ВЕСТФАЛЕН“ ВО ДОРТМУНД – 61.534
Отворен во 1974, овој стадион потоа се реновираше во четири наврати. Ќе биде домаќин на четири средби, вклучувајќи едно полуфинале.
„ШТУТГАРТ АРЕНА“ – 50.998
Беше реконструиран дури седум пати од отворањето во 1933. Ќе нагости пет натпревари, од кои едно четвртфинале.
„ФОЛКСПАРК“ ВО ХАМБУРГ – 50.215
Во функција од 1953, но во 2000 беше претворен во чисто фудбалски стадион. Тука ќе се играат четири натпревари.
„АУФШАЛКЕ АРЕНА“ ВО ГЕЛЗЕНКИРХЕН – 49.471
Програмата на овој стадион се состои од три меча. Овој мултифункционален стадион има подвижен покрив и терен што може да се прошири.
„ФРАНКФУРТ АРЕНА“ – 48.057
Изграден во 1925, беше обновен неколкупати, последно во 2005. Неговата особеност е видеокоцката од 6,9 тони сместена на центарот над тревникот.
„КЕЛН СТАДИОН“ – 46.922
Четирите кули во аглите на стадионот создаваат посебна атмосфера во домот на актуелниот второлигаш Келн. Тука се играат и американски фудбал и хокеј на мраз и се одржуваат концерти.
„ЛАЈПЦИГ СТАДИОН“ – 46.635
Се наоѓа на местото каде што своевремено беше најголемиот стадион во Германија со капацитет за 100.000 гледачи. Овој беше изграден во 2004 за 116 милиони евра.
„ДИСЕЛДОРД АРЕНА“ – 46.264
Стадионот со шарени седишта беше изграден за СП 2006, но тогаш не беше домаќин. И овој стадион има подвижен покрив.
(Фото: АФП)