Данско-американското архитектонско студио БИГ ги објави визуелните решенија за хотелот „Х. К. Андерсен“, кој ќе се гради во забавниот парк Тиволи во Копенхаген.
Именуван по славниот дански писател Ханс Кристијан Андерсен, хотелот ќе се состои од 18 различно поставени подрачја, што ќе се протегаат до замокот Тиволи, кој, исто така, ќе го реновира БИГ.
Хотелот во разни бои ќе има форма на пагода (будистички храм) и „ќе го комбинира стариот шарм на Тиволи со визионерска архитектура“. Тој ќе биде спакуван со балкони целосно покриени со растенија и ќе се базира на обновливи извори на енергија.
„Со реновирањето на Тиволи и со новата зграда, наша цел е да го зграпчиме и нагласиме карактерот на замокот, создавајќи нова типологија инспирирана од неговата архитектура“, вели основачот на БИГ, Бјарке Ингелс.
Лоциран во централен Копенхаген, Тиволи е забавен парк основан од Георг Карстенсен во 1843. Денес е мешавина од разни патеки и локации за забава, во разни објекти кои се наоѓаат меѓу цветни градини.