НОВАТА САЛА НА ЛОС АНЏЕЛЕС КЛИПЕРС ЌЕ ЛИЧИ НА МРЕЖИЧКА НИЗ КОЈА ПОМИНАЛА КОШАРКАРСКА ТОПКА

Лос Анџелес, (Дезин)

Метални панели во форма на дијаманти ќе ја обвиткуваат новата спортска сала на НБА клубот Лос Анџелес клиперс, што ја дизајнираше студиото „АЕКОМ“. Таа ќе се гради во градот Инглвуд во областа на Лос Анџелес и треба да биде завршена во 2024 година, кога на Клиперс му истекува договорот за играње во „Стејплс центар“.

„Овалниот објект ќе биде покриен со метални панели, што ќе потсетуваат на занишана мрежичка низ која поминала кошаркарска топка. Влезот во форма на спирала ќе отвора пукнатини во фасадата, што ќе овозможи природната светлина да навлезе подлабоко во објектот“, велат од студиото.

Панелите се дизајнирани така да овозможуваат максимално искористување на сончевата енергија.

„Новата арена на Клиперс е доказ дека заштитата на животната средина и економскиот развој не мора заемно да се исклучуваат. Ова ќе биде повеќе од НБА арена“, додаваат од студиото.

Се очекува комплексот да ѝ донесе на локалната заедница приход од 268 милиони долари во наредните 25 години.

„Сакаме ова да биде најдобар дом на еден спортски клуб на светот“, кажа првиот човек на Клиперс, Стив Балмер.