Кинга Нетман-Мултановска, сопругата на полскиот амбасадор во Македонија Јацек Мултановски, доби посебна благодарница од Архитектонскиот факултет во Скопје за нејзиниот исклучителен и несебичен придонес во збогатувањето на македонските и полските врски во архитектурата.

Нетман-Мултановска од факултетот доби и уметничко дела од студентката Марија Џидрова (Фото: М. Златевска)

Деканот Огнен Марина ѝ ја врачи благодарницата на Мултановска на отворањето на 12. изложба на архитектонските студија на Архитектонскиот факултет – ИАС12.

Мултановска по професија не е архитект, но изминативе четири години, за време на мандатот на нејзиниот сопруг, со голем ентузијазам се ангажирала за голем број настани, промоции и изложби, поврзани со факултетот и за создавање конекции со полски институции.

Видно изненадена и возбудена од почеста, Мултановска на македонски јазик се заблагодари и рече дека е заљубена во скопската архитектура, зашто многу ја потсетувала на нејзината Варшава.

Ректорот Никола Јанкуловски и проректорите на УКИМ „Св. Кирил и Методиј“ со деканот Огнен Марина (Фото: М. Златевска)

„Приказната на двата града е многу случна. Имаме силни врски и чувства преку полските архитекти кои дошле во 60-ите години на минатиот век, бидејќи сме блиски како нации. Многу ми беше мило да ги изучувам градот и неговата историја. Денеска и мене ми е празник, бидејќи четири години бев со вас. И јас сум студентка на вашите професори, сѐ што знам за архитектурата научив од нив, а бидејќи наскоро му завршува мандатот на мојот сопруг и си заминуваме, овие денови се последните од моите студии за македонската архитектура и за Скопје“, рече Мултановска и доби голем аплауз.

Студентите ги претставија своите размислувања и идеи за архитектурата (Фото: М. Златевска)

На отворањето на изложбата, на која дојдоа голем број студенти, професори, ректорот Никола Јанкуловски и проректорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, деканот Марина рече дека таа претставува најдобар приказ за соработката помеѓу студентите и професорите, затоа што архитектурата е колективно знаење, создадено низ заедничкиот труд и соработката на многумина.

„Соработката создава инспиративни дијалози кои произлегуваат од заедничките интереси, но и од сопствените ставови, најчесто подготвени цврсто да ги браниме, како што често знаат да го направат тоа нашите студенти. Соработката во архитектурата подразбира и неуспеси, бидејќи само низ нашите грешки и поуките од нив ќе бидеме кадарани понатаму да истражуваме, создаваме и да го продолжиме дијалогот со себеси и со нашите собеседници“, рече Марина.

Според деканот, изложбата претставува најдобар приказ за соработката помеѓу студентите и професорите, затоа што архитектурата е колективно знаење, создадено низ заедничкиот труд и соработката на многумина (Фото: М. Златевска)

Архитектонскиот факултет, во соработка со полската амбасада, вечерва во 20 часот во Музејот на Град Скопје ќе ја додели наградата „Тигри“ за најдобар магистерски труд на факултетот. Тогаш ќе се отвори и изложбата „Вечност и миг. 1918-1939 – Архитектурата како алатка за формирање на полскиот национален идентитет“.

Б. НЕСТОРОСКА