САУДИСКА АРАБИЈА ЌЕ ГРАДИ 170 КИЛОМЕТРИ ДОЛГ ГРАД БЕЗ УЛИЦИ И АВТОМОБИЛИ

Ријад, (Дезин)

Мохамед бин Салман, престолонаследникот на Саудиска Арабија, ги откри плановите за изградба на 170 километри долг град, кој би бил дом на милион луѓе.

Принцот ги објави плановите за проектот „Линија“ во видео, во кое го опишува како „цивилизациска револуција која ги става луѓето на прво место“.

Овој мегаград ќе се состои од поврзани заедници, односно градски модули во должина од 170 километри, кои ќе го поврзат брегот на Црвеното Море со северозападниот дел на Саудиска Арабија. Сите жители ќе живеат на пет минути оддалеченост од основните и неопходни објекти, поради што нема да има улици, ниту потреба од автомобили или други транспортни средства.

„Линија“ ќе биде дел од проектот „Неом“, целосно автоматизиран регион од 500 милијарди долари што ќе ги опфаќа Саудиска Арабија, Јордан и Египет, кој целосно ќе биде напојуван од обновливи извори на енергија. Изградбата треба да почне во првиот квартал од 2021.