СЕ ОТВОРА „ХАДСОН ЈАРДС“, ПРОЕКТ ОД 25 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ ШТО ЌЕ ГО ПРЕОБЛИКУВА ЊУЈОРК

Њујорк, (Гардијан)

„Хадсон јардс“, нов блескав комплекс во Њујорк вреден 25 милијарди долари, ќе биде отворен утре и ова се нарекува најголем приватен проект со недвижнини во историјата на САД.

Со поглед на реката Хадсон, импресивните деловни и станбени кули се поставени над активни железнички пруги, создавајќи нова бизнис област од 113.000 квадратни метри западно од Менхетн.

„Ова е една од големите трансформации на Њујорк. Тие зедоа област од градот што беше запуштена и што луѓето ја избегнуваа и ја претворија во жив, активен дел“, изјави Мичел Мос, професор по урбано планирање на Универзитетот Њујорк.

Набљудувачката палуба на 100. спрат од една од кулите ќе нуди импресивен поглед на Њујорк

Иако официјалното отворање е утре, дел од 15-те згради се веќе отворени, а некои ќе се градат уште со години. Цената на становите во централните кули ќе се движи од 4,3 до 32 милиони долари, а за изнајмување на двособен стан ќе треба да се платат 9.000 долари месечно.

„Ова ќе биде едно од оние места што, едноставно, ќе мора да ги видите. Како Сохо и авенијата Медисон во едно, но со контролирана клима“, вели Кенет Химел, извршниот директор на „Рилејтид урбан“, компанија на милијардерот Стивен Рос која стои зад проектот.

Свои ресторани тука ќе отворат славните готвачи Хосе Андрес и Дејвид Ченг, дрвјата и растенијата ќе бидат климатизирани, а на 100. спрат од 395 метри високата кула „30 Хадсон јардс“ ќе се наоѓа највисоката надворешна набљудувачка палуба на западната хемисфера.

„Хадсон јардс“ има и свои критичари, кои го опишаа како „трговски центар за богати“, „лажен Менхетн“ и „измислен град на милијардер“.