Турнеја со холограм на Витни Хјустон ќе се организира следната година низ Велика Британија. Проектот ќе го постави компанијата „Бејз ентертејнмент“, која работи на продукциите со холограми на Рој Орбисон и Ејми Вајнхаус. Турнејата на Орбисон ќе почне следниот месец, додека онаа на Вајнхаус беше одложена.

„Турнејата со Витни Хјустон ќе биде неверојатно шоу. Многу труд е вложен за да го направиме шоуто што е можно пореалистично. Ќе биде неверојатно искуство“, изјави Сет Фабер од маркетингот на музичката издавачка куќа „Прајмери вејв“.

„Њујорк тајмс“ неодамна објави дека холограмот на Хјустон ќе ги изведува најголемите хитови на американската ѕвезда, а на сцената ќе бидат нејзиниот бенд во оригинален состав и придружните вокали, меѓу кои и брат ѝ Гери.

Има преговори и за мјузикл на Бродвеј, како и за издавање албум со необјавени песни.