ВЕСЕЛА ЗГРАДА ВО УРБАНИОТ ХАОС НА СКОПСКО ДЕБАР МААЛО

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Облачиња, круни, кафе, шлаг, глуварчиња, буф, крофни, куќички, зборови како Љубов, Рузвелт, Скопје се нацртани на северната и на источната страна од фасадата на нова зграда во Дебар Маало.

Зградата на четири спрата, изградена од „Линеа“, е разубавена по идеја на градежниот инженер Бобан Талевски, а цртежите ги нацртаа графити цртачите Драган Китановски, Марјан Димиќ и Миле Глигоровски.

Источната и северната страна од зградата во Дебар Маало која јавноста веќе ја нарече Веселата зграда (Фото: М. Златевска)

Талевски вели дека кога ја привршувале зградата, инспирирани од светските трендови, но и за да ја раздвижат стрит арт сцената во Македонија, одлучиле да ја насликаат со цртежи.

Ги исконтактирал тројцата автори, кои со голема радост и ентузијазам подготвиле три различни решенија.

„Едното решение беше целосно апстрактно, со различни сплешови од бои, другото беше со многу боја и со централен карактер со девојче и третото, финалново, кое да речам, претставува еден вид шаблон од наши цртежи и графити“, раскажува Марјан.

Уметниците велат дека гледале да не претераат со елементи, да изгледа естетески убаво, бидејќи има прозорци и тераси. Елементи од цртежите има и на заштитните огради за клима уредите (Фото: М. Златевска)

Се договориле пролетта во 2017 година, а цртежите ги работеле три викенда во септември-октомври.

Работеле на скелиња, на висина од 20 метри, за што низ смеа велат дека не им било баш пријатно искуство. Цртале неколку линии, па се симнувале да видат одоздола, па пак назад на скелето.

„Поинаква е перцепцијата кон црежот кога си така залепен за ѕидот. Да си на некоја нормална висина, можеш да се вратиш наназад и да видиш како изгледа“, вели Драган, а Марјан додава:

„Мислевме дека ќе ни биде тешко да го изведеме тоа, затоа што не е исто да цртаме на улица и на скеле“.

Уметниците велат дека гледале да не претераат со елементи, да изгледа естетески убаво, бидејќи има прозорци и тераси. Истакнуваат оти имале целосна слобода и одвразни раце од инвеститорот, но уште на  стартот се договориле да нема нацртано елементи како цигара, на пример.

Најтешко им било цртањето на облачињата, оти се најгоре, а последен насликан детаљ е зборот Љубов со три срциња. Кога на крај ја погледнале целата зграда, понесени од убавиот и весел изглед, сфатиле дека нешто недостасува и се договориле за тој збор (Фото: М. Златевска)

„Среќни сме што ни укажаа доверба и што разбираат дека графити цртањето е еден вид на уметност. Подобро да ти е зградата украсено со нешто убаво, отколку со политички пароли“, смета Драган.

Околу насликаните детали, уметниците велат дека сакале да бидат асоцијација на Дебар Маало и на домувањето.

„Насликани се наши измешани елементи, наши препознатливи потписи, па и името Линеа, Рузвелт (бидејќи е на Рузвелтова), куќички како симбол за домување, кафиња кои се симболика на домот, храна, крофна, шлаг, глуварчиња, бротче. Круничките ни се декоративен симбол, немаат некакво посебно значење, некои ќе кажат многу раперски елемент (ха ха). Буфот, мене лично, ми е еден од омилените карактери кои ги цртам веќе 5-6 години. Буфот како симбол за самостојност, мудрост, птица со интересна физиономија и карактер сама за себе. Живее во дивина, но има доста буфови низ Скопје“, ни рече Марјан.

Најтешко им било цртањето на облачињата, оти се најгоре, а последен насликан детаљ е зборот Љубов со три срциња. Кога на крај ја погледнале целата зграда, понесени од убавиот и весел изглед, сфатиле дека нешто недостасува и се договориле за тој збор.

Графити цртачите Марјан и Драган велат дека со години конкурираат во повеќе институции и предлагаат да се насликаат стари фасади и простори, но никогаш не ги сфаќале сериозно и не им даваат шанса (Фото: М. Златевска)

Авторите велат дека добиле многу реакции, речиси 99 отсто од коментарите се позитвни, а најмногу се изненадени од поддршката и од реакциите на повозрасната генерација.

Низ смеа раскажуваат дека имало случка, додека цртале, повозрасни жени ги поздравувале и им искоментирале: „Браво дечки, зошто не отидете во Град Скопје да им предложите да ги нацртате сите барокни фасади од ‘Скопје 2014’“.

Марјан и Драган велат дека во Македонија, за разлика од земјите во регионов, како, на пример, Бугарија и Србија, нема големо разбирање за стрит арт сцената.

Околу насликаните детали, уметниците велат дека сакале да бидат асоцијација на Дебар Маало и на домувањето (Фото: М. Златевска)

Уметниците раскажуваат дека често одат во Софија и во Белград, каде сцената е голема, има многу цртачи, се поддржуваат и сред бел ден, без никаков проблем, сликаат низ градовите.

Велат дека со години конкурираат во повеќе институции и предлагаат да се насликаат стари фасади и простори, но никогаш не ги сфаќале сериозно и не им дале шанса.

„Не мора да се црта само во Скопје, другите градови имаат добра инфраструктура и ѕидови кои ни се многу привлечни“, рече Марјан, а Драган го надополнува:

„Нам ни се предизвик постари и руинирани згради“.

Со радост завршуваат дека со нетрпение го очекуваат цртањето на нова фасада, налето во Капиштец.

Б. НЕСТОРОСКА