ВО КИНА ПОЧНА ДА СЕ ГРАДИ НАЈГОЛЕМИОТ СТАДИОН НА СВЕТОТ, ЌЕ ЧИНИ 1,7 МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ

Гвангџу, (Дејли мејл)

Среде пандемијата на коронавирусот, во Кина почна да се гради она што е опишано како најголем стадион на светот.

Новиот стадион на кинескиот суперлигаш Гвангџу Евергранде ќе има капацитет од 100.000 седишта кога ќе биде завршен во 2022 година, при што во него ќе бидат вложени 1,7 милијарди долари. Тој ќе има изглед на лотосов цвет, а дизајнот е инспириран од статусот на Гвангџу како кинески град на цвеќето.

„Стадионот на Евергранде ќе стане ново светско обележје, налик на Сиднејската опера и Бурџ калифа во Дубаи, тој ќе биде важен симбол на кинескиот фудбал во светот“, кажа Шјија Хаиџун, претседателот на конгломератот „Евергранде“, на церемонијата на почнувањето на градежните работи.

Шјија најави дека неговата компанија би можела да изгради уште три до пет стадиони низ Кина со капацитет меѓу 80.000 и 100.000 седишта.

Новиот стадион на Гвангџу ќе биде поголем од „Камп ноу“ на Барселона, иако таа сега работи на проширување на капацитетот на 105.000 места.