ВО ПУСТИНА ВО КАЛИФОРНИЈА ЌЕ СЕ ГРАДИ ПРВА 3-Д ОТПЕЧАТЕНА НАСЕЛБА ВО САД

Лос Анџелес, (Гардијан)

Пустинскиот пејзаж во долината Коачела во Калифорнија наскоро ќе стане дом на првата населба во САД направена со 3-Д печатење. Во партнерство на две компании, парцела од 20.000 квадратни метри во Ранчо Мираж ќе се трансформира во заедница со 15 3-Д отпечатени, еколошки куќи, за која се тврди дека е прва од таков тип.

„Ова ќе биде прва реализација на нашата визија за иднината на домувањето“, вели Алексеј Дубров, коосновач на компанијата „Мајти билдингс“.

Секоја куќа ќе има и базен

Во своето седиште во Оукленд, „Мајти билдингс“ создава домови користејќи масивен 3-Д печатар со големина на гаража. Материјалите што ги користат се стврднуваат речиси моментално, овозможувајќи покривот, слоевите на изолација и внатрешните елементи да се додадат во еден процес. Изградбата е автоматизирана до 80%, со што се штедат 95% работни часови и се постигнува десет пати помалку отпад во споредба со конвенционалното градење. Печатарите на компанијата се способни да изградат дом од 35 квадратни метри за 24 часа.

„Ние, всушност, повеќе време трошиме на транспорт на нашите згради отколку на самото печатење“, вели Сем Рубен од „Мајти билдингс“.

Куќите во Ранчо Мираж ќе имаат модерна архитектура, три спални соби и базен. Цените ќе се движат од 595.000 до 950.000 долари.

Калифорнија се соочува со голема криза во домувањето и се проценува дека до 2025 година ќе бидат потребни до 3,5 милиони нови станбени единици.