АВТОМОБИЛ ПРВПАТ ДОБИ ЅВЕЗДА НА ХОЛИВУДСКАТА ПАТЕКА НА СЛАВНИТЕ

Лос Анџелес, (Мотор1)

Холивудската патека на славните доби необичен член. Меѓу многубројните филмски и музички легенди таму за првпат се најде и еден автомобил.

Станува збор за теренецот „шевролет сабрбан“, кој првпат се појави на филм во 1952 година и во изминатите 67 години можеше да се види во повеќе од 1.750 филмови и ТВ-серии. Во оваа бројка влегуваат и 30-ина филмови номинирани за награди, при што го имаат возено и позитивци и негативци и обични семејни ликови.

„Појавувајќи се во голем број класични филмови и популарни серии, ‘сабрбан‘ е етаблирано име во индустријата, во која опстана толку долго. Има две причини зошто ниедно друго возило не може да се спореди со ‘сабрбан‘ во овој бизнис: тој е возило што одговара на секаков филмски лик и веднаш ѝ дава чувство на важност на сцената. Кога на екранот ќе се појави конвој на црни ‘сабрбани‘, знаете дека нешто важно се случува“, вели Денис Мекарти, координатор за филмски автомобили во Холивуд.