Фотографии од концертите на рок- легендата Дејвид Боуви, како и негов џиновски црн- бел портрет се поставени на влезот на метро станицата за линијата Бродвеј- Лафајет во Њујорк, каде англискиот музичар живееше пред да почине во 2016 година.
Уметничката инсталација е спонзорирана од стриминг компанијата „Спотифај“ и ќе биде поставена до 13 мај , како дел од изложбата „Дејвид Боуви е” во Музејот во Бруклин.
Изложбата, отворена во Музејот на Викторија и Алберт во Лондон, патуваше низ десетина градови , а Њујорк е последна станица.
Боуви живеел повеќе од 20 години во Њујорк, каде првично тргнал да го бара својот идол Енди Ворхол.
Станицата на метрото објави водич „Мапа на соседството на Боуви”, каде што се прикажани локации поврзани со пејачот, вклучувајќи го и Плоштадот Вашингтон, паркот во срцето на Гринвич, каде што уживал да шета.
На мапата, сепак, не е означен неговиот стан во Сохо, каде живее неговата сопруга, поранешната манекенка Иман.
За да ја одбележат изложбата, Њујоршката управа за транспорт пушти во продажба 250.000 билети метро со слики од ѕвездата, кои се продаваат само на линијата Бродвеј- Лафајет и блиската станица Блекер стрит.
Боуви, кој веќе беше познат кога се пресели во Њујорк во 1990-тите, се покажа како изненадувачки чест патник во метрото.
Писателот Вилијам Бојд по смртта на рокерот, во интервју за „Гардијан“ рече дека Боуви еднаш му открил дека кога се возел со метро, читал грчки весници, за да не го распознаат останатите патници.