Се чини дека „бугати широн“, „мерцедес АМГ проџект уан“ и „мекларен спидтеил“ ќе добијат нова конкуренција во класата хиперавтомобили.

„Астон мартин“ објави нови фотографии од својот нов модел „валкира“, кој е замислен како Формула 1 болид за друмско возење, што претпоставува дека неговите перформанси ќе бидат чудовишни.

Компанијата за првпат даде увид во внатрешноста на двоседот, во којашто доминира правоаголен волан во стилот на Ф-1 болидите, со вграден екран во него. Возачот ќе има на располагање уште два помали екрани. Дополнително чувство на возење Ф-1 болид дава поставеноста на седиштата, кои се навалени наназад.

Шасијата, телото и внатрешноста на „валкира“ се обложени со јаглеродни влакна, со што вкупната тежина на автомобилот е сведена на минимум и се очекува да изнесува само околу илјада килограми. Колку за споредба, „спидтеил“ ќе тежи околу 1.580 килограми.

„Валкира“ ќе биде опремен со 6,5-литарски В12 мотор, што ќе може да развие 1.100 коњски сили.