Кога Барбра Стрејсенд почнала да ги пишува стиховите за песната „Немој да ме лажеш“, таа во истиот момент се инспирирала од американскиот претседател Доналд Трамп.

„Не можев да го избегнам тоа. Едноставно, не можам да го поднесам ова што се случува. Не можам да ја поднесам неговата навреда на нашата демократија, нашите институции, нашите основачи. Мислам дека сме во борба, во војна за душата на Америка“, вели 76-годишната Стрејсенд.

„Немој да ме лажеш“ е дел од нејзиниот нов албум „Ѕидови“, прв со, главно, нови песни од 2005 година, кој излезе вчера, четири дена пред изборите за американскиот Конгрес.

Како долгогодишен поддржувач на Демократската партија, Стрејсенд на добар дел од албумот ги напаѓа политиките на Трамп, почнувајќи од самиот наслов, што е сфатен како критика на неговата идеја за изградба на ѕид долж границата со Мексико. Таа во ниту еден момент не го спомнува името на Трамп, но, како што вели, и нема потреба од тоа.