„АУДИ“ И „ЕРБАС“ ГО ИМАА ПРВОТО ТЕСТ-ВОЗЕЊЕ НА СВОЕТО ЛЕТЕЧКО ТАКСИ

Амстердам, (Форбс)

„Летечки такси возила доаѓаат! Ние во ‘Ауди‘ сме убедени во тоа“, стои во пораката што ја упати управниот одбор на германската автокомпанија.

Презентиран на Неделата на дронови во Амстердам, прототипот „поп ап некст“ е летечко такси, кое претставува комбинација на самовозечки електричен автомобил и патнички дрон.

Иновативниот концепт е заеднички развиен од „Ауди“ (возило), „Италдизајн“ (дизајн) „Ербас“ (летечки модул) и неговата помала верзија сега го имаше првото тест-возење во јавноста.

Според виденото, летечкиот модул ја презема и поставува патничката капсула на возилото, кое потоа само оди до конечната дестинација.

„Ова возило е во рамките на нашата посветеност кон креирање идна еколошка мобилност без возач. Дополнително ќе ја развиваме оваа технологија, со цел летечко такси да биде пуштено во сообраќај во наредната деценија. Возилата засновани на „поп ап некст“ идеално ќе одговараат на поголеми градови. Без да менуваат превоз, патниците ќе можат да работат, да се релаксираат и да поминат време со пријатели“, велат од „Ауди“.