АВТЕНТИЧНОСТ Е ТЕМАТА НА ГОДИНАШНАТА МОДНА РЕВИЈА НА СТУДЕНТИТЕ НА ТЕХНОЛОШКО-МЕТАЛУРШКИОТ ФАКУЛТЕТ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Автентичност е годинашната тема на традиционалната модна ревија на студентите на Институтот за текстилно инженерство при Технолошко-металуршкиот факултет во Скопје, работена под менторство на проф. Лидија Георгиева. Изложбата се отвора утре во 19:30 часот во просториите на факултетот.

Меѓу оригиналните креации на изложбата ќе има и 3-Д печатени дизајни, изработени за првпат со помош на 3-Д печатарите во лабораторијата на Институтот „Ино Фаб Лаб“.

„Додека живееме во атмосфера на разни оптимистички и песимистички сценарија за неизбежното влијание на вештачката интелигенција врз нашите животи, сакавме да се запрашаме што всушност значи и како ќе одредиме дека нешто е автентично или оригинално. Како публика и автори, сведоци сме на секојдневно објавување текстови, музика, цртежи, фотографии и дизајни креирани од вештачката интелигенција, па дали сме подготвени да ја прифатиме новата технолошка реалност која галопирачки напредува кон иднината? Можеби, оттука произлегува нашата потреба одвреме-навреме да престојуваме во комфорната прегратка на автентичната емоција. Но, што всушност е тоа? Важно е да се ​​биде автентичен и важно е да се престојува во автентично место. Додека се прашуваме дали чет џипити е верна имитација на оригиналот и каде е вистината, можеме да откриваме секојдневни активности кои ќе ни го покажат патот кон автентичноста“, се вели во најавата на изложбата.