ГАРАЖАТА СО ГРАФИТОТ НА БАНКСИ СЕ ПРОДАДЕ ЗА 130.000 ДОЛАРИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Новото дело на Банкси, што во декември осамна на една гаража во Порт Талбот, јужен Велс, се продаде за над 130.000 долари. Насловен „Season’s Greetings“, тој беше откупен од сопственикот на галерија во Есекс, Џон Брендлер, кој рече дека ќе го задржи графитот во индустрискиот град минимум две-три години.

Изминатиот месец, над 20.000 луѓе го посетиле делото.

„Графитот ќе биде магнет за туристи“, рече Брендлер.

Сопственикот на гаражата Луис со сопственикот на галеријата „Брендлер“ (Фото: Гети)

Работникот во локалната железарница Иан Луис, кој е сопственик на гаражата, рече дека со продажбата му паднал огромен товар од рамењата. Галериите „Брендлер“ имаат неколку дела од мистериозниот графити уметник.

Брендлер го пофали Луис дека одбил и повисоки суми за делото, со цел да го задржи во Порт Талбот.

„Добив многу понуди од колекционери, дилери, луѓе кои сакаат да го однесат далеку. Гаражата со графитот ќе биде отстранета, а јас ќе си направам нова“, рече Луис.

Велшката влада му понуди на Луис засилени безбедносни мерки додека да се одлучи што ќе прави со делото, а актерот Мајкл Шин помогна тоа да се обезбеди.