„Грабење во просторот“ е насловена изложбата на македонскиот уметник Глигор Стефанов, која ќе се отвори вечерва во 21 часот во Музејот на современа уметност (МСУ).
Стефанов, кој живее во Канада и важи за еден од најзначајните македонски уметници, се претставува со дела од сите циклуси, од 1981 до 2019. Ќе бидат изложени 11 инсталации, од кои една е долга 100 метри, како и 50 фотографии од негови поранешни инсталации, кои не можат да се реплицираат оти Стефанов работи со трска, слама и други нетрајни материјали.
„Кога се подготвува ретроспектива значи дека уметникот треба сѐ да извади од своето ателје. Кај мене тоа не е можно, ќе требаше да направиме ретроспектива со веќе непостоечки дела, бидејќи моите дела се со времен карактер. Некои од нив изгореа во пожар во Лондон, некои се изгубени во Сараево за време на војната, а имавме и малку фотографии од делата. Мојата идеја беше да направиме ретроспектива на процесот на размислување што го имав изминативе години, кој за македонски и југословенски услови беше необичен и да направиме ретроспектива на неостварени дела преку скиците и проектите кои ги имам“, вели Стефанов.