СУПЕРЛИГАТА ВЕЌЕ НЕ Е ВОЗМОЖНА, ПРИЗНА ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ЈУВЕНТУС ОТКАКО СЕ ПОВЛЕКОА ДЕВЕТ ОД 12-ТЕ КЛУБА

Лондон, (Гардијан)

Како дошло, така поминало.

Само три дена по обелоденувањето на плановите за формирање на Европска Суперлига (ЕСЛ), еден од нејзините основачи и претседател на Јувентус, Андреа Ањели, призна дека проектот веќе не е возможен, откако сите шест англиски клуба објавија дека се повлекуваат под голем притисок на јавноста.

„Да бидам искрен, не верувам дека проектот ќе се случи. Останувам убеден во неговата убавина. Тоа ќе беше најдоброто фудбалско натпреварување на светот. Но, не верувам дека проектот сѐ уште е жив“, изјави Ањели.

ЕСЛ претходно соопшти дека ќе го преобликува проектот откако Челзи, Арсенал, Ливерпул, Манчестер сити, Манчестер јунајтед и Тотенхем објавија дека се повлекуваат, при што некои од нив им се извинија на фановите, а денеска тоа го направија и Интер, Милан и Атлетико Мадрид. Тоа ги остава Јувентус, Барселона и Реал Мадрид единствени носители на проектот, на кој му се спротивстави целата фудбалска јавност, а ФИФА и УЕФА се заканија со жестоки санкции.

Претседателот на Реал, Флорентино Перес, вчера изјави дека Суперлигата е создадена за да го спаси фудбалот во времето кога сѐ повеќе фанови губат интерес за него. Зад неа застана американската банка „ЈП Морган“, која на учесниците им ветила четири милијарди евра.