ИСЛАНДСКИ УМЕТНИК ПОСТАВИ ИЗЛОЖБА ВО ЛОНДОН КОЈА ТРАЕ ДОДЕКА НЕ СЕ ИСТОПАТ ДЕЛАТА

Лондон, (Гардијан)

Во Лондон моментално се одржува една од понеобичните изложби, која ќе биде „отворена“ додека не се истопи.

Со цел да го донесе проблемот со климатските проблеми поблиску до дома, групата „Ајс воч Лондон“ организираше изложба на исландскиот уметник Олафур Елијасон, кој постави 30 големи блокови од неколку векови стар мраз во музејот „Тејт“, како и на неколку други локации во градот.

(Фото: Гардијан)

Мразот е собран од фјордот Нуп Кангерлуа на Гренланд и потоа во фрижидери беше транспортиран во Лондон. Блоковите тежат меѓу 1,5 и шест тони и се во таков облик што не можат да се скршат, бидејќи изложбата е замислена да биде интерактивна.

„Движете се меѓу нив, качувајте се на нив, ослушнете ги“, вели Елијасон.

Целта на изложбата е луѓето да дојдат во директен контакт со ефектите на климатските промени и тие можат да го почувствуваат мразот додека тој полека се топи.

„Звучи прекрасно! Во мразот е воздухот каков што беше пред да почнеме да ја загадуваме атмосферата. Тој е заробен внатре 10.000, можеби 100.000 години. Ова исто така е прекрасна природна вода“, изјави еден посетител.