КИНА ГО ПУШТИ ВО ПРОМЕТ НАЈБРЗИОТ САМОВОЗЕЧКИ ВОЗ НА СВЕТОТ

Пекинг, (Гардијан)

Кина го пушти во употреба најбрзиот самовозечки воз на светот, што може да достигне брзина од 350 километри на час. Тој ќе ги поврзува градовите Пекинг и Џангџијаку и е дел од подготовките за Зимските олимписки игри во 2022, чиј домаќин ќе биде кинеската престолнина.

Возот ќе го скрати патувањето меѓу овие два града од три часа на помалку од еден, при што на некои возови ќе им биде потребно само 45 минути. Во Џангџијаку ќе се одржи најголем дел од олимписките скијачки натпревари.

Оваа железничка линија била отворена во 1909 година и тогаш патувањето траело осум часови.

Возовите автоматски ќе тргнуваат и застануваат на станиците во точно одредено време и ќе ја менуваат брзината во зависност од оддалеченоста меѓу станиците. Линијата се градеше четири години и содржи десет станици, вклучувајќи го и пристапот до Кинескиот ѕид.

Кабините содржат доволно простор за да соберат скијачка опрема, седишта со 5Г екрани на допир, интелигентно осветлување и илјадници безбедносни сензори. Како асистенти, на станиците ќе се користат роботи и технологија на препознавање лица.

Во прв момент, линијата ќе можат да ја користат само кинески државјани.