Австралискиот писател Дејвид Мортон го убеди Музејот за национална историја во Лондон да адаптира една од галериите во сцена, каде ќе го одржува своето куклено шоу, базирано на откритијата на Чарлс Дарвин.
Проектот „Пошироката Земја“ премиерно беше поставен во Сиднејската опера.
Галеријата Џирвуд ќе биде трансформирана во театар со 357 седишта, каде од 2 октомври до крајот на годинава, седуммина актери со 30 марионети, меѓу кои и огромна желка од Галапагос, ќе ја забавуваат публиката осум пати неделно.
„Идејата е да ја раскажеме приказната за еден млад човек, Дарвин, кој тргнал на неверојатно патување, а не познатата верзија за истражувањата на еден старец со бела брада. Тоа било возбудливо патување за еден 22-годишник, кој поминал пет години од својот живот на овие патувања. Претставата е за него и за прашањата со кои се бори, а кои довеле до значајните откритија“, вели Мортон.
Писателот додава дека претставата е за деца над 10 години и возрасни и вели дека иако е долга, не е предавање.
„Знам дека децата ќе уживаат“, вели тој.