„Мицубиши пајеро“, вистинска легенда меѓу теренците, заминува во пензија.

По повеќе од 640.000 испорачани модели, јапонската компанија планира наскоро да престане да го продава на домашниот пазар, на кој беше присутен од 1982 година. „Пајеро“ ќе се повлече во вид на специјална верзија наречена „фајнл едишн“, која ќе биде достапна во не повеќе од 700 примероци, пред целосно да биде запрено неговото производство во август годинава. Негова цена ќе биде околу 40.500 долари и секој купувач ќе добие и посебен рачен часовник.

„Мицубиши“ ќе продолжи да го продава „пајеро“ на 70 други пазари.

Сегашната генерација на „пајеро“ дебитираше на Автосаемот во Париз во 2006 година и беше голем чекор напред во однос на неговите претходници. Оваа верзија беше обновена четири пати од 2009 до 2015 година.

Сепак, Јапонците изгубија интерес за „пајеро“, па лани таму биле продадени помалку од илјада примероци.