Жан-Пол Готје беше свесен дека целиот свет го гледа и затоа ја наполни со ѕвезди својата последна ревија во 50-годишната кариера.

Спектакуларното шоу се одржа синоќа во театарот Шателе во Париз и негови креации, меѓу другите, носеа Бела и Џиџи Хадид, Ирина Шајк, Дита фон Тиз, Аманда Лир, Карли Клос, Вини Харлоу, Јасмин Ле Бон, Роси де Палма и Парис Џексон, ќерката на Мајкл Џексон, за која ова беше деби на модните писти.

Низ ревијата, Готје потсети на славни моменти од своето минато, но и испрати порака за иднината, нагласувајќи ја важноста од рециклирање и повторно користење во модната индустрија.

„Од повеќе од 200 креации видени вечерва, само 50-ина беа комплетно нови. Остатокот беше мешавина од стандардни производи, работи што сум ги купил во Кина“, кажа Готје.

Како млад дизајнер, тој често посетувал улични пазари барајќи носени парчиња облека на кои потоа им давал нов живот. Готје често ја критикуваше модната индустрија затоа што прави премногу отпад, особено оние луксузни брендови кои спалуваат свои производи.

„Со тек на времето, од лошото момче на модата станав многу посмирен и потивок“, вели тој.