„МЕРЦЕДЕС“ ОД 1955 СТАНА НАЈСКАПО ПРОДАДЕН АВТОМОБИЛ ВО ИСТОРИЈАТА

Берлин, (Си-Ен-Ен)

„Мерцедес-Бенц“ потврди дека го продал најскапиот автомобил на светот. Редок „мерцедес СЛР купе“ од 1955 година, што досега се чуваше во приватната колекција на компанијата, бил продаден на приватно лице за 135 милиони евра на затворена аукција во Штутгарт.

Според „Хагерти“, компанијата која ја следи вредноста на колекционерските возила, ова е најскапиот автомобил досега продаден. Претходниот рекорд го држеше „ферари 250 ГТО“, што во 2018 се продаде за 70 милиони долари.

Парите од продажбата ќе бидат уплатени во фондацијата на „Мерцедес-Бенц“, која обезбедува школарини.

Станува збор за еден од само два примерока на прототипот „300 СЛР уленхаут купе“, кој наводно можел да постигне максимална брзина од 300 километри на час. Другиот примерок ќе остане во музејот на компанијата во Штутгарт.

Набргу по развојот на овој автомобил, „Мерцедес“ престанал да инвестира во мотоспортот, па тој никогаш не бил испробан во некое натпреварување.