Од утре до 17 декември, центарот на Скопје ќе наликува на модерна галерија. Станува збор за нов фестивал, насловен „Недела на излозите“, за кој основачите Кристина Глигоровска, Искра Јанковска-Михајловска и Лидија Георгиева велат дека е посветен на креативност, современост и уникатност, „доловени преку излозите кои се естетски симболи на визуелната култура на градот“.
„За првото издание на фестивалот, млади модни дизајнери и архитекти со преуредување на излозите и јавниот простор прикажани на мапата ќе го претворат центарот на Скопје во модерна галерија“, велат тие.
Фестивалот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија.
Преуредени се излозите на книжарницата „Култура“, часовничарот „Хронометар“, Театарот за деца и младинци, книжарницата „Литература.мк“ и на продавницата за чоколадо на швајцарскиот бренд „Линт“, како и пасажот до „Литература.мк“. Зад креативниот концепт и реализацијата на секој излог стои тим составен од млади архитекти и модни дизајнери, кои на свој начин пренесуваат важни пораки до минувачите и раскажуваат различни приказни.
Фестивалот почнува во 18:30 часот од првата точка на улица Македонија, кај „Линт“, па продолжува до терасата на ресторанот „Пелистер“. По официјалното отворање од амбасадорката на Швајцарија Сибил Зутер Техада и основачите на фестивалот, ќе има коктел забава со диџеј Соња Исмаил.
Партнери на првото издание на фестивалот се: Центарот за дизајн и иновации „Јавна соба“ во Скопје, Технолошко-металуршки факултет и Архитектонски факултет во Скопје и „МладиХаб“, односно Канцеларијата на претседателот Стево Пендаровски. Таа ќе биде и инфо-точка за време на фестивалот.