Живата музичка легенда Божидар-Бошко Симоновски доби огромен мурал на Домот на младите во Штип.
По неговото заминување во пензија, колегите од Домот на младите му се одолжија со мурал, но и со музичка средба на која присуствуваа голем број музичари и членови на музички групи кои во изминатите децении гостувале во Домот најмногу по заслуга на Симоновски.
„Илјадници концерти сум организирал во Домот на младите во Штип, каде што работев 40 години. Мојата заложба беше вистинската музика и културата да ги доближам до младите во овој град. Во Домот на младите гостуваа и Влатко Стефановски, Милан Младеновиќ, Џон Меклафлин, Срѓан Гојковиќ, Зоран Цветковиќ-Зоц и други“, вели Симоновски.
Муралот во поп арт стилот е дело на уметницата Елена Поповска.
„Чест и задоволство ми беше што бев поканета да го создадам овој мурал, затоа што знаев дека сликам жива музичка легенда не само на Штип, туку и на Македонија. Човек кој долги години беше двигател на музичкиот живот во овој град и остави траен белег во Домот на младите“, вели Поповска.
Пред откривањето на муралот беше објавено дека Симоновски е еден од добитниците на највисокото општинско признание 8 Ноември.
Т. ЈОВАНОВСКИ