На влезот во Велес од правец на Штип деновиве е нацртан најголемиот мурал во земјава. Тој има површина од 220 квадратни метри, долг е 86, а висок 2,5 метри. Муралот е насловен „Солидарност, мобилност, иднина“ и се работеше пет дена, со спреј и фасадна боја.
„Муралот е модернистичко решение со кое Велес се претставува како урбан град од 21. век. Муралот е изработен од повеќе слики, преку кои се прикажани солидарноста, заедништвото и како градот се модернизира. Не можев да не ги претставам поблиската историја, борбата за здрава животна средина, борбата против Топилницата, протестите на велешани. Централниот дел е мое доживување на темата“, вели Давор Кешкец, идејниот автор на муралот.
Негови дела се и муралот во подрумскиот дел на ГТЦ во Скопје и бетонските постаменти на булеварот Партизански одреди. Симболично, најголемиот мурал во земјава се наоѓа во подножјето на Спомен Костурницата, каде е и најголемиот мозаик во Македонија.
Во цртањето на муралот, освен Кешкец, учествуваа и Стефан Младеновски, Ангела Банчотова и Тоше Пешовски. Муралот е дел од Фестивалот за современа уметност АКТО.
П. ПЕЧКОВ