Велешанката Сандра Јорданова има несекојдневно хоби: изработува предмети од стара хартија. Таа не фрла хартија и стари весници, туку ги собира за од нив рачно да изработува употребливи предмети, корисни за дома. Сандра неодамна имаше изложба со 60-ина предмети од рециклирана хартија и готови производи.
„Ракотворбите се од весници, кои ги користам како материјал. Оваа техника ја научив пред пет години. Почнав спонтано, како хоби. Ми беше интересно, ме исполнуваше, имав доста слободно време кое го користев за изработка на предметите“, вели Сандра.
Изработува чинии во различни форми, кутии за накит, садови за чување предмети и украси за ѕид. Сите тие се употребливи, ем декоративни ем практични.
Таа на пошироката јавност ѝ е позната како член на женскиот состав ,,Д’чикс“, со кој има снимено неколку видеоспотови. Сандра е и дипломиран правник, ангажирана како адвокат, но и како уметник.
„Јас сум отворена личност со слободен дух, која не би сакала да се ограничи. Во зависност како се чувствувам во тој период, таму се пронаоѓам“, кажа Јорданова.
П. ПЕЧКОВ