„Хонда Е“, првото електрично возило на оваа јапонска компанија, ќе биде еден од првите сериски автомобили кој нема да има ретровизори, што ќе биде во интерес на зголемена безбедност и подобра аеродинамика.

Надворешните ретровизори одамна се покажаа како едноставно и ефикасно решение и во меѓувреме добија и бројни модерни додатоци. „Хонда“, сепак, оди чекор подалеку, воведувајќи покомплициран систем на камери, што обично се гледа на концептни модели.

Освен што ќе се подобри аеродинамиката, сликата од камерите ќе се проектира на поголеми екрани во возилото, со што и прегледноста ќе биде подобра, особено при лошо време и послаба видливост. Исто така, ефектот на мртов агол ќе биде двојно намален, а тие ќе помагаат и при возење наназад.

„Хонда Е“ е електричен компакт од рангот на „рено зое“ и во продажба ќе се најде од следната пролет.