РИМСКИОТ КОЛОСЕУМ ЌЕ ДОБИЕ НОВ ВИСОКОТЕХНОЛОШКИ ПОДИУМ ОД 18,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Рим, (Гардијан)

Подиумот на римски Колосеум, каде што гладијаторите своевремено се бореле едни против други, како и против животни, ќе го поврати својот некогашен сјај.

Архитектонско-инженерската фирма „Милан инџенерија“ ќе инсталира нов подвижен под во арената, што ќе им овозможи на посетителите да ја видат величественоста на градбата од нејзиниот центар, изјави италијанскиот министер за култура Дарио Франческини. Проектот е вреден 18,5 милиони евра и се очекува да биде довршен за две години.

„Во 2023, повторно ќе го видиме сјајот на Колосеумот со неговата арена“, кажа Франческини.

Римскиот амфитеатар, довршен во 80 година, своевремено имал дрвен под покриен со песок, изграден врз мрежа од тунели и простории, во кои што гладијаторите и животните чекале пред да излезат во арената. Подот бил отстранет во 19. век кога почнале ископувањата во подземните нивоа. Оваа област беше отворена за посетители во 2010 година.

Новиот, високотехнолошки подиум ќе може брзо да се отвора и затвора и исто така ќе може да се отстрани во иднина, ако се променат плановите.

Пред пандемијата, во Колосеум одеднаш можеа да бидат 3.000 посетители, а сега се дозволени групи од 14 луѓе.