„ШКОДА“ ЈА ПРЕТСТАВИ НОВАТА „ОКТАВИЈА“, ПРВПАТ ИМА И ХИБРИДНА ВЕРЗИЈА

Прага, (Мотор1)

„Шкода октавија“ ја зацврстува својата позиција како еден од најголемите автомобили во класата, откако компанијата го претстави новиот модел на својот најпродаван производ на посебен настан во Прага.

„Октавија 4“ е поголема, поширока и поелегантна од својот претходник и дели доста работи со новиот „голф“, кој исто така неодамна беше претставен. Тука првенствено се мисли на комплетно новата, дигитализирана инструментална табла, но исто така и мотори. Во понуда се три бензински и три дизелски мотори, кои се движат од 110 до 200 коњски сили, а „Шкода“ за првпат има и хибриден модел, од 204 коњски сили. Благодарение на јон-литиумската батерија од 13 киловат-часови, „октавија“ може да вози на струја 55 километри.

„Шкода“ не запре тука, па веднаш ја претстави и новата караванска верзија на „октавија“, која исто така е поголема од претходникот.

Новата „октавија“ би требала да се појави на пазарот во втората половина на 2020, а цената засега не е позната.