СКУЛПТУРА НА ШПАНСКИОТ КРАЛ ФЕЛИПЕ СЕ ПРОДАВА ЗА 200.000 ЕВРА, НО УСЛОВОТ Е ДА СЕ ЗАПАЛИ

Мадрид, (Ројтерс)

Шпанските уметници Сантјаго Сиера и Еугенио Мерион на Саемот за уметност АРКО во Мадрид ја претставија четириметарската скулптура од шпанскиот крал Фелипе, која може да се купи за 200.000 евра, но постои еден услов: сопственикот мора да се согласи дека ќе ја запали.

Изработена од дрво и восок, статуата е насловена „Нинот“, според куклите кои се горат на традиционалните прослави во Валенсија. Според условите за продажба, купувачот мора во рок од една година да ја изгори статуата и да го сними тоа како перформанс.

„Не купувате предмет, туку процес“, вели портпаролот на „Прометеј“, италијанска галерија која го продава делото, од кое ќе остане само черепот откако ќе биде запалено.

„На понудата гледам како на перформанс, како на дело на Банкси“, вели колекционерката Нена вон Стам (Фото: Ројтерс)

Проектот „Нинот“ го следи примерот на британскиот графити-уметник Банкси, чија слика „Девојче со балон“ делумно се самоуништи откако се продаде на аукција, а потоа ѝ се зголеми вредноста.

„На оваа понуда гледам како на перформанс, како на дело на Банкси. Не мислам дека е глупост“, вели колекционерката Нена вон Стам.

Портпаролот на Саемот изјави дека кралот Фелипе и кралицата Летиција во вторникот го отвориле саемот, но не го виделе делото „Нинот“.