ВЕЛОСИПЕД ШТО ПРОЧИСТУВА ВОЗДУХ НА СТУДЕНТИ ОД МАШИНСКИ ФАКУЛТЕТ ВО СКОПЈЕ ОСВОИ ЗЛАТЕН МЕДАЛ ВО СЕУЛ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Изум на шестмина студенти од Машински факултет при УКИМ во Скопје освои два златни медала на 12. меѓународна изложба на иновации „KIWIE 2019“, што се одржа во Сеул, Јужна Кореја.

Пронајдокот наречен „филтер за воздух вграден во велосипедско тркало“ е дело на студентите Ина Крстевска, Филип Попоски, Марко Насески, Мартин Спасовски, Игор Џамбаски и Александар Јанковиќ, заедно со вон. проф. д-р Иле Мирчески и дипломираниот машински инженер Тошко Ристов.

„Пронајдокот е награден со Златен медал од страна на меѓународната комисија составена од експерти во дадената област, Златен медал со диплома од страна на Асоцијацијата за промоција на пронајдоци и иновации од Индонезија и со диплома за најдобар пронајдок од страна на Центарот на жени иноватори на Узбекистан“, објави Машински факултет.

Системот за прочистување на воздухот е составен од филтер кој е вграден во држачите на тркалото. Со ротацијата на тркалото се прима воздухот и се задржуваат некои честички, а тој потоа се испушта прочистен. Идејата е велосипедите да бидат поставени на неколку станици низ градот. Цената на изнајмувањето ќе зависи од тоа колку километри се извозени и во која зона од градот, а на станиците ќе бидат поставени и полначи за велосипедите.