Дизајнерот на супербрзата патека на Олимпискиот стадион во Токио вели дека таа ги подобрува перформансите во атлетиката за 1-2%, што ја прави најбрза во историјата.

Ден по спектакуларното финале на 400 метри со пречки, кога Карстен Вархолм стана првиот човек кој трчал под 46 секунди, светски рекорд утрово беше соборен и во женска конкуренција. Американката Сидни Меклафлин го освои златото со време од 51,46 секунди, подобрувајќи го светскиот рекорд за речиси половина секунда.

Андреа Валаури, дизајнерот на „Мондо“, вели дека новата подлога прави далеку поголема разлика одошто многумина мислат.

„Секој пат кога има Олимписки игри се обидуваме да ја подобриме формулата на материјалот и во Токио не е поразлично. Патеката е многу тенка, 14 милиметри, но додадовме нов елемент, гумени гранули“, вели Валаури, појаснувајќи како функционира патеката.

„Долниот слој на патеката има шестоаголем дизајн кој создава мали џебови со воздух. Тие не само што ги апсорбираат ударите, туку и даваат одредено враќање на енергијата, нешто како ефект на трамполина. Ја подобривме оваа комбинација и затоа гледаме подобрени перформанси на патеката“.

Досега се постигнати низа олимписки, национални и лични рекорди, при што Елејн Томпсон-Хера истрча 10,60 секунди на 100 метри, станувајќи втората најбрза жена во историјата.

„Сè е во рамките на правилата. Патеката го штити здравјето на спортистите и им дава дополнителен поттик“, додаде Валаури.