Дрес на легендарниот бејзбол играч Бејб Рут се продаде на аукција за 5,64 милиони долари, станувајќи најскап спортски реквизит на сите времиња. Претходниот рекорд беше поставен во 2012 година, кога беа платени 4,4 милиони долари, исто така за дрес на Њујорк јенкис што го носел Рут.
Дресот што вчера се продаде во Њујорк датира од 1928-1930 година, период во кој Рут станал една од првите спортски суперѕвезди.
„Наследството и значењето на Бејб Рут за бејзболот и за американската популарна култура не можат да се споредат со никого во оваа земја. Бејб Рут ужива митски статус“, изјавија од аукциската куќа „Хант“, не откривајќи го идентитетот на купувачот на дресот.
На аукцијата што се одржа на стадионот на Њујорк јенкис беа понудени повеќе од 400 предмети поврзани со Рут, кој освои седум титули во Светската серија, а почина во 1948 година.